AAA

SU-PRO-MEDIA | 20.03.2018 14:30 > 03.04 14:58

Властите генерираат напади врз новинари


Гаси го тоа, гаси го тоа. Овде снимаш. Животни сме или луѓе? Сакаш да поминам низ тебе?!

Сакаш да поминам низ тебе?!

Немој. Нема потреба.

Што се правите луди? Стоко една. Стоко една.

Вака е дочекана екипата на Телевизијата на Федерацијата на БиХ во селото Глува Буковица на Влашиќ, во февруари 2009 година.


Тоа е само еден од бројните напади на Авдо Авидиќ, некогашен уредник на Федералната телевизија, Јавниот сервис на Федерацијата БиХ, и сегашен новинар на порталот Журнал во БиХ. Нападот се случи во февруари 2009 година, но таа слика е жива и денес затоа што е одраз на состојбата за односот кон новинарите.

Нападот се случи во селото Глува Буковица, а го предводеше мутевелијата Алија Мусиќ.

„Имаше закани кои веднаш резултираа со физички напади, како што беше случајот во Глува Буковица каде бев нападнат од челните луѓе на Џематскиот одбор кога работевме на случајот со педофилија во Исламската заедница на БиХ. Имаше закани и од поранешните припадници на Десеттиот диверзантски одред на војската на Република Српска, кои се закануваа и веднаш тргнаа со физички напад“, ги набројува Авдиќ само некои од нападите врз себе.

Од Глува Буковица е извлечен со помош на полицијата на Среднобосанскиот кантон, на што чекаше еден час. Пред тоа беше заложник, заробен во една од куќите во селото, додека му се закануваа со огнено оружје.

Иако полицијата поднесе извештај против напаѓачите на Авдиќ во селото Глува Буковица, не е покренато никакво обвинение.

Последните закани кон Авдиќ се упатени кон средината на септември 2017 година од член на обезбедувањето на главната обвинителка на Обвинителството на БиХ Гордана Тадиќ. Вработен во Дирекцијата за координација на полициските тела Нермин Џафиќ, му се заканувал на Авдиќ, затоа што бил изнервиран од прашањата што Авдиќ и ги поставувал на Тадиќ.

„Ми рече дека сексуално ќе ме злоставува ако за главната обвинителка продолжам да известувам како што известувам до сега. Пред околу седум месеци се уредно пријавив во надлежното Кантонално обвинителство во Сараево. Но, ништо не се случи. Сослушаа неколку сведоци, мислам дека го сослушаа или веќе го испитаа осомничениот, но нема обвинение“, вели Авдиќ.

Иако неколкупати е физички напаѓан, а заканите кои се уште ги добива се повеќе од брутални, иако сите уредно се пријавени до надлежните, никогаш не е подигнато ниту едно обвинение.

Случајот на новинарот Авдиќ, е случај и на бројни други новинари, кои се изложени на закани и напади, но исклучително се ретки случаите кога напаѓачите се процесуирани.

Според податоците на Здружението на новинари на БиХ, кои ни ги соопшти Борка Рудиќ, генерален секретар на Здружението, во периодот од 2006 до 2017 година, регистриран е 91 случај на физички напади кон новинари, закани со смрт и загрозување на имотот на медиумите. Притоа, 22 случаи се решени во корист на новинарите, додека во 19 случаи не е утврдена кривична одговорност за напаѓачите.

„Четиринаесет случаи се уште се активни пред правосудните институции, а во 37 случаи надлежните полициски и правосудни институции не презеле ништо за да ги решат или, пак, предметите се повлечени на барање на институциите или на новинарите“, истакнува Рудиќ.

„Овде веќе може да се каже дека полицијата може нешто и прави, но обвинителството сигурно не прави ништо“, заклучува Авдиќ.
Новинарите во БиХ се доживуваат како лесна мета, а напаѓачите се дури и полицајци кои се однесуваат како и своите шефови, политичките лидери. Станува збор за дрскост и ароганција, што го потврдува и настанот што му се случи на Горан Дакиќ, новинар на сараевски Аваз, најтиражниот дневен весник во БиХ.

На почетокот на 2017 година, новинарите во Претседателската палата, чекаа да заврши состанокот на претседателот на Република Српска, Милорад Додик и началникот на општина Сребреница, Младен Грујичиќ.

„Чекавме долу во ходникот. Бидејќи состанокот траеше долго, половина час, 45 минути, седев на скалите и потоа, во еден момент, почувствував како некој ме шутна назад со чевла или чизма и рече: Тргни се дебел, да поминам. Се свртив и видов дека тоа е еден од оние полицајци што седат во онаа барака и бараат легитимација кога влегуваш“, вели Дакиќ.

Нема никакви дилеми дека нападите врз новинарите во БиХ се во пораст и дека се последица на негативната демонстрација на политичка моќ и на обидите на водечките лидери во земјата, со удар врз новинарите, да ги пацифицираат и нив и медиумите, а со тоа, јавното мислење.

„Мислам дека тоа се последици, исто така, и на авторитарното наследство, авторитарното владеење, авторитарната политичка култура, каде политичарите ги доживуваат медиумите и новинарите како послушници кои би требало да бидат тука еден вид трансмитери на нивните идеи, на нивните приказни, на нивните идеологии“, вели Тања Топиќ, една од водечките политички аналитичари во БиХ.

Факт е дека во последната деценија е создаден амбиент во кој секое критичко размислување, промислување, искажување на поинаков став, по автоматизам се смета за напад врз власта, врз политичката структура. Се смета за елементарна опасност и нивните носители, владејачката номенклатура автоматски ги прогласува за домашни предавници и странски платеници.

„Значи, плурализмот на мислења тука е многу стеснет, сведен е на минимум и оние луѓе кои размислуваат со сопствена глава, всушност, се сериозно загрозени, и од политичките структури, но и од одредени групи на интерес“, нагласува Топиќ.

Во последните неколку години драматично се зголеми бројот на напади и закани преку социјалните мрежи. Драстични примери се заканите кон новинарката Лејла Чолак, која мораше привремено да ја напушти земјата, но и бројни други.

„Се плашам дека, едноставно, никој нема доволно политичка храброст, никој нема доволно храброст на функцијата на која се наоѓа да стави крај на тоа“, вели Дакиќ.

Дакиќ е во право, но факт е дека малкумина, речиси никој, не сака да стави крај на тоа бидејќи нападите кон новинарите се една од најкурентната политичка стока во БиХ, било да доаѓаат од политичари или од силеџии на социјалните мрежи, заштитени со анонимност.

„Мислам дека генерален проблем е тоа што политиката формулираше и етаблираше едно стојалиште, дека во суштина е добро да се напаѓаат новинари. И потоа сите тие напади на новинари се доживуваат како прифатливи, нормални, нешто што спаѓа во секојдневниот дискурс“, заклучува политичката аналитичарка Тања Топиќ.

Нејзините зборови се најпрецизна дијагноза за вистинскиот извор на пресметката со новинарите.




KOMENTARI

Broj komentara : 0

Vaše ime*


Vaš e-mail


Vaš komentar*



otkucano 0 od ukupno 1500 karaktera.