AAA

SU-PRO-MEDIA | 10.04.2018 13:20 > 10.04 13:28

Заплашувањето и игнорирањето како „превентива“ против објективното информирање


Само во последните неколку месеци забележани се најмалку десет случаи на навреди, закани, па дури и со смрт или едноставно, спречување на новинарите да ги извршуваат своите секојдневни обврски. Главни иницијатори беа, главно, претставници на косовските институции, нивното обезбедување или таканаречените јаки бизнисмени кои или се дел од политиката или имаат силни врски со политичарите.

Пред неколку дена, новинарите на порталот „Инсајдери“, познат по истражувачкото новинарство, добија закани со смрт бидејќи дојдоа до скандалозно откритие: дека компанијата „Еуро Ида“ од Ораховац увезувала расипано месо , старо повеќе години, од белгиската компанија „Вавиба“

„И јас за себе велам дека сум будала, да ви … мајката. Ќе земам калашњиков и ќе дојдам сите да ве изрешетам и ќе одам в затвор. Но, прво ќе излезам пред новинарите, слушај ме што ти велам“, се закани сопственикот на компанијата, Антон Јупа.

Парим Олури, директор на „Инсајдери“ вели дека не успеале да добијат информации за имињата на компаниите кои увезувале расипано месо, не само од институциите, вклучувајќи ја и царината, туку дека и по сознанијата дека сопственикот на компанијата е во бегство, полицијата не ги контактирала и не понудила барем физичко обезбедување на објектот во кој се наоѓа редакцијата.

 „Убеден сум дека политичарите ја користат косовската полиција како приватна компанија за приватно обезбедување, за нивна лична безбедност. Кога станува збор за новинарите, верувам дека не им се допаѓа новинарите да се чувствуваат безбедно. Во моментот кога новинарите не се чувствуваат сигурни да известуваат, опаѓа бројот на чувствителни информации и истражувања и тоа им одговара на политичарите. Да најдат начин да ги уплашат новинарите да не ги објавуваат своите истражувања. А еден од нив е неактивноста на косовската полиција“, вели Олури.

Олури тврди дека секој успешен бизисмен на Косово има силни врски со политичкиот врв, кој ги брани со молчење по известувањето за разни случаи, скандали.

„Имате ли некое друго прашање?“, често може да се слушне на прес-конференциите на високите косовски претставници, со што ја потврдуваат неподготвеноста да и одговорат на јавноста на одредено скокотливо прашање или проблем. Всушност, прес-конференциите најчесто завршуваат само со изјава на некој претставник, без можност за новинарите да постават прашање, но и со индиректен притисок врз медиумите да ја објават таа изјава.

Петрит Чолаку, истражувач во Асоцијацијата на новинари на Косово смета дека новинарите, последните месеци, се соочуваат со бројни потешкотии во својата работа, но и со отворени закани.

„Што е уште полошо, сега кога се промени владата, дојде до уште поголема нетрпеливост кон медиумите, кон новинарите. Така, имаме случај пратеникот Бек Бериша кој и се закануваше на една новинарка велејќи и: ако уште еднаш пишуваш, ќе следува тоа и тоа. Или имаме случај на пратеник, наш поранешен колега Милјаим Зека, кој ја злоупотреби собраниската говорница и вербално ги линчуваше новинарите поради лични интереси“, вели Чолаку.

Саранда Рамај, новинарка на дневниот весник „Коха Диторе“ доживеа претседателот на парламентот Кадри Вејсели, не само да не и одговори на прашање околу еден тендер на Министерството за здравство, туку беше изложена и на негови навреди.

„Следуваше негов напад дека сум исполитизирана новинарка и потоа продолжи со други навреди, како не е добро да му нанесувам штета на системот, да му нанесувам штета на здравството. Мислам дека намерата му беше да ме дискредитира пред колегите. Но, однесувањето на господинот Вејсели не ми остави некој впечаток бидејќи навикнавме на него и на однесувањето на неговите колеги, посебно од Демократската партија на Косово, кон новинарите од групацијата „Коха“ во која сум и јас. Не напаѓаа или не поврзуваа со групи на интерес кога не им се допаѓаа нашите прашања или нашето известување“, вели Рамај.

Премиерот Рамуш Харадинај, кој и како пратеник на опозицијата, но и по доаѓањето на чело на владата беше отворен противник на Договорот за демаркација на границата со Црна Гора, сметајќи дека Косово губи повеќе од осум хектари од територијата, во недостиг на одговор, на потсетувањето на новинарите дека експертите и претставниците на меѓународната заедница не мислат така, одговори:

„Повеќето од вас или не знааат да читаат англиски или не сфаќаат што кажале. Тоа е ваш проблем. Немам коментар. Вие известувате, а не знаете што известувате, верувајте ми. Одете малку повеќе во училиште, видете што ќе ви кажат.“, рече Храдинај.

Флутура Кусари, експерт за медиумски права и слобода на изразување, смета дека владата на Рамуш Харадинај е една од малубројните влади која за толку кратко време упати толку голем број обвинувања кон новинарите.

„Владата почна да ги обвинува новинарите и многу малку е отворена кон нив, било во врска со пристапот до различни документи или други информации. И покрај фактот што именуваше неколку клучни луѓе за комуникација со медиумите, кога станува збор за прашањата од јавен интерес, тие луѓе не даваат никакви одговори. Оваа влада е далеку од она како треба да изгледа една транспарентна влада“, вели Кусари.

Таа истакнува и дека директните или индиректните обвинувања кон новинарите не се случајни, туку, напротив, добро смислени со цел да се намали кредибилитетот во јавноста на оние новинари кои се критички кон владата.

Лани во декември, владата на Харадинај усвои документ со кој се регулира работата на владината Служба за односи со јавност, кој имаше за цел да ја подобри комуникацијата со медиумите и со јавноста. Во докуменот се вклучени и некои предлози од новинарите, меѓу кои и препораката да се објавува што поголем број документи на официјалната веб-страница на владата, а со цел да се зголеми транспарентноста, како и официјалните косовски претставници да не ги користат социјалните мрежи како замена за прес-конференции.

KOMENTARI

Broj komentara : 0

Vaše ime*


Vaš e-mail


Vaš komentar*



otkucano 0 od ukupno 1500 karaktera.