AAA

SU-PRO-MEDIA | 26.06.2018 15:25 > 02.07 19:54

Вртлогот на лажните вести


Ако за ситуацијата во земјата би се судело по насловните страници на најтиражните весници, Србија, речиси секојдневно, се соочува со завери на моќните сили од Запад, а речсиси секоја недела, главно соседите, подготвуваат воени операции. Информер, еден од весниците со најголем тираж, во текот на 2017 година на 302 насловни страници објави дури 362 лажни вести. Тоа го утврдија истражувачите на Новосадската новинарска школа, кои го основаа сајтот „Fakenews“ за да ја поттикнат борбата против пропагандата и дезинформациите во јавната сфера.

„Тоа не доведува до заклучок дека овој медиум, но и медиумите слични на него, објавуваат непроверени информации речиси секојдневно. Тие најчесто се однесуваат на најавување воени судири, што е изразито воено-поттикнувачки пристап. Информер во текот на 2017 година најавуваше судири на Србија со Албанците на Косово, со НАТО, најавуваше судири и со Македонците, со Босанците, со Хрватите и ништо од тоа не се случи. По една година можеме да кажеме дека тоа беа лажни вести, лажни тревоги и чисто поткревање паника“, вели еден од истражувачите на Новосадската новинарска школа, Стефан Јањиќ.

Анализата на лажните вести покажува дека најчесто ги пренесуваат таблоидните медиуми. Но, авторите на недамна покренатиот сајт „Раскринкавање“ утврдија дека и јавните сервиси РТС и РТВ објавуваат лажни вести, поради што, заедно со весникот Курир и агенцијата Танјуг се наоѓаат на нивната црвена листа на медиуми.

„Постојат медиуми кои докажано, повеќепати биле продолжена рака на државата, служеле како некаква пропагандна машинерија, воопшто не се безопасни, наивни и невини, така што не би ги аболирала од било каква одговорност и секогаш би одела со претпоставката дека многу добро знаат што прават“, предупредува Марија Вучиќ, новинарка на сајтот „Раскринкавање“.

За некој медиум да се најде на црвената листа на овој сајт, доволно е да објавил барем една лажна вест во последните два месеца. Информацијата која јавните сервиси ги стави на таа листа беше пренесувањето на измисл

ена вест на агенцијата Танјуг. Агенцијата објави изјава на министерката за градежништво, сообраќај и инфраструктура Зорана Михајловиќ пред таа воопшто да стигне на настанот. Марија Вучиќ потсетува и на вест на истата агенција која доведе до затегнување на односите меѓу Србија и Босна и Херцеговина, кога неточно беше пренесена изјава на членот на претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ околу признавањето на Косово.

„Танјуг објави дека БиХ ќе го признае Косово и тоа без никаква проверка го пренесоа и други медиуми. А, многу лесно беше да се провери веста бидејќи Изетбеговиќ даде изјава за Дојче Веле. На прашањето на новинарот дали БиХ ќе го признае Косово, тој одговори „се надевам да“. Неколку дена после тоа на насловната на Инфомрер имавме „Изетбеговиќ би колел“ и тоа ви е како грутка снег која се повеќе се тркала и вие веќе немате поим што е извор на таа информација, како тоа се случило и на крајот страшна приказна, се затегнуваат односите, а се затоа што Танјуг направи така нечесна работа“, рече Марија Вучиќ.

Погубните последици на лесното преземање непроверени информации и изјави во форма на лажни вести се видоа и во случајот со известувањето за мали сипаници – болест која веќе не би требало да постои, а со која од октомври минатата година се заразени повеќе од 4000 луѓе. Во Србија се води истрага против лица кои јавно ширеа дезинформации за вакцинацијата, но изостана опомена за медиумите од регулаторните тела.

„Постојат лажни вести кои можат да влијаат на општествените процеси, да ја загрозат националната безбедност или здравјето, а тоа имавме прилика да го видиме неодамна во кампањата против вакцинацијата на децата кога различни јавни личности, астролози и други лаици, потпирајќи се на непроверени истражувања и вести, ширеа информација дека вакцинирањето е опасно и на тој начин го загрозија јавното здравје во цела Србија. Тоа е она поле на кое лажните вести мора особено да се сузбијат бидејќи се исклучително опасни“, оценува истражувачот Јањиќ.

Изјавите и ветувањата на политичарите, често се ударни вести кои, повеќето медиуми не ги испитуваат критички и не ги проверуваат. Во такви околности, граѓаните може да ги проверат дури кога на своја кожа ќе ги почувствуваат последиците, што е процес што може да потрае. Веќе девет години, сајтот „Вистиномер“ ја оценува вистинитоста на изјавите на политичарите, а нивното истражување од минатата година откри поразителна статистика: од оценувани 140, само шест изјави беа вистинити.

„Со смената на власта почнаа да се издвојуваат тројца политичари, тогашните тројца лидери Александар Вучиќ, Ивица Дачиќ и Млаѓан Динкиќ. Кога отиде Динкиќ, останаа овие двајца, за многу брзо да се издвои само Вучиќ, кој дава најмногу изјави, а најголем број од неговите изјави најчесто ги оценувавме негативно.  За жал, ако тие не се казнуваат на избори, добиваат ветер во грб па постапуваат исто како и претходно“, смета Синиша Дедиќ, новинар од „Вистиномер“.

Овогодишното истражување за медиумска писменост во Европа покажа дека балканските земји се најмалку отпорни на ширење лажни вести и дека Србија се најде на 29 место од 35 земји. Претседателот на Независното друштво на новинари на Војводина (НДНВ) Недим Сејдиновиќ потсетува дека ширењето на лажни вести во Србија не е дозволено според Законот за информирање и медиуми и според Кодексот на новинари на Србија.

„Во време кога политичарите секојдневно изнесуваат невистини или лажни ветувања, одговорноста на новинарите е уште поголема. Медиумите и новинарите не само што го кршат медиумскиот кодекс, не само што ја дезинформираат јавноста и работат против јавниот интерес, туку нанестуваат огромна штета на општеството. Тоа не е улогата на медиумите, не е улогата на новинарот. Тие ораат и тоа не само по професионалните стандарди туку и по етичкиот кодекс, така што одат чекор понатаму“, вели Сејдиновиќ.

Освен што новинарите, како и граѓаните, мораат да одат „чекор понатаму“ и да ги преиспитуваат информациите, за сега нема прецизен одговор за борбата против лажните вести кои со помош на интернетот се шират со брзина на светлината. Меѓународната организација Репортери без граници предложи воведување потврди за медиумите кои ги почитуваат нормите на професионалниот морал, што би придонело за нивно позиционирање како доверливи извори на информирање, со план да се применуваат од 2019 година.

KOMENTARI

Broj komentara : 0

Vaše ime*


Vaš e-mail


Vaš komentar*



otkucano 0 od ukupno 1500 karaktera.