AAA

SU-PRO-MEDIA | 26.06.2018 15:35 > 02.07 19:52

Телевизиите во канџите на довербата

Одржувањето на голема доверба е голем предизвик. Во време на лажни вести и дезинформации, довербата во медиумите во Европа опаѓа. Така е и во Македонија. Во извештајот на Европската радиодифузна унија, објавен годинава, а кој се однесува на довербата во медиумите за минатата година, пишува дека повеќе од половината или 52% од граѓаните во Македонија не им веруваат на медиумите. Зошто е тоа така?

"Прво, заради тоа што веќе се изместени границите на традиционалните медиуми и новинарството. Се повеќе имаме т.н. граѓанско новинарство, се повеќе имаме блогови, се повеќе имаме луѓе кои сами лиферуваат информации или регистрираат некакви мини портали кои немаат професионално ангажирани новинари, каде се пишува се и сешто или каде што се прават copy-paste вести и сето тоа доведува до една ситуација на генерална недоверба во медиумите", вели Атанас Кировски, директор и главен уредник на ТВ Телма.

Комуникологот Петар Арсовски смета дека "долгата таблоидизација на медиумите, скандализацијата и инструментализацијата од страна на политичките елити, водат до тоа граѓаните да губат се повеќе доверба во медиумите".

Втора причина за урнисаната доверба во македонските медиуми е едно-децениското владеење на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Со години партијата ги контролираше речиси сите медиуми. Одеше до таму што директно се нарачуваа прилози, па дури и нивниот редослед во вестите на најгледаните национални телевизии.

"Во Македонија 11 години имавме една номенклатура на власт која по секоја цена сакаше да ги контролира медиумите и контентот што тие го емитуваат. Па нас ни се случуваше еден феномен, иста информација и истите извештаи и вести и прилози да одат буквално како пресликани на неколку национални медиуми едно по друго", објаснува Кировски.

Васко Попетревски, уредник на емисијата 360 степени, на телевизија Алсат М вели:
"Имавме една ситуација во која со години власта се обидуваше и успеваше да стави рака врз мејнстрим медиумите во Македонија. Да не оперираме со бројки, но над 80% од мејнстрим медиумите беа под капата на една партија. Сето тоа доведе професионалните јадра да се ситнат".

Но, има надеж. Квалитетното новинарство сега е поценето од било кога, и ова е моментот за традиционалните медиуми да ја обноват довербата, пишува во извештајот на Европската радиодифузна унија. И додека генералниот тренд покажува опаѓање на довербата во медиумите, довербата во телевизиите во Македонија расте.

Кога се зборува за довреба во медиумите, луѓето главно ја спомнуваат телевизијата повеќе од останатите медиуми. Телевизијата се смета за помалку подложна на манипулации за разлика од другите медиуми  бидејќи сликите од местото на настанот и репортерите на местото на настанот ги уверуваат гледачите дека тоа што го гледаат е вистина.

Попетрески, зборува за клучната улога на телевизиите во време на најсериозната политичка криза во Македонија која траеше две години, од 2015 до 2017 година и која доведе до смена на власта.

"Факт е дека до промените во општеството немаше да се стигне ако дел од телевизиите кои останаа нечепнати од тогашната владејачка парија не успееја дополнително да се еманципираат и да се наметнат пред публиката и на пазарот", изјави Попетревски.

Кировски вели дека споредено со интернет-сферата, голема е разликата во сериозноста и веродостојноста на она што го емитуваат телевизиите.

"Интернет сферата е толку контаминирана со лажни, петпарачки, сензационалистички информации, што во споредба со она што го емитуваат телевизиите навистина зрачи со една сериозност, одговорност кон информациите и од тој аспект е природно да расте довербата кај граѓаните", вели Кировски.

А, довербата е директно поврзана до слободата на медиумите. Или, како што пишува во извештајот на Европската радиодифузна унија,  односот е правопропорционален: колку послободни медиуми, толку поголема доверба.

Македонија полека почна да напредува на меѓународните листи за слобода на медиумите, но ќе треба да изоди долг пат за да ја пречекори границата од делумно слободна, во земја со целосно слободни медиуми.

KOMENTARI

Broj komentara : 0

Vaše ime*


Vaš e-mail


Vaš komentar*



otkucano 0 od ukupno 1500 karaktera.