AAA

SU-PRO-MEDIA | 05.07.2018 13:30 > 05.07 13:52

Официјалните лица – против пристапот до јавни документи

Според Извештајот на Канцеларијата за јавна служба на косовската влада од 2016 година,позитивно е одговорено на 90 насто од барањата за пристап до информации од јавен карактер, односно од 2.169 барања, одговор добиле 2.050 новинари и медиуми. Но, врз основа на анкетата во која учествуваа само 50 новинари, Асоцијацијата на новинари на Косово заклучи дека нивните барања за пристап до јавни информации се одбиени во 78% од случаите.

Вeхби Кaјтази, главен уредник на истражувачкиот он лајн портал Инсајдер, вели дека неговиот медиум дури во 80% од случаите не ги добил бараните информации.

"Постојат десетици барања во кои баравме јавни документи кои не ги добивме. Институциите знаат дека новинарите немаат ниту време, ниту енергија да покренуваат судски постапки бидејќи тие може да траат и пет-шест години. Затоа ги одбиваат таквите барања. Овде ситуацијата не е како во другите земји, на пример во Америка, каде во случај на тужба од новинар, случајот се разгледува во рок од 24 часа или 48 часа", вели Кајтази.

Јета Џара, директорка на Балканската мрежа за истражувачко новинарство на Косово (БИРН) вели дека Агенцијата за заштита на податоците би требало да се вика Агенција за заштита на премиерот и на политичарите од јавноста, а официјалното лице за издавање јавни документи – официјално лице против пристап до јавни документи.

"Се што работат официјалните претставници е фискултура како да избегнат да ни ги дадат тие документи. Интересно е како ја сфаќаат својата работа. Задачите им ги сервирале нивните шефови, ги тероризираат, вршат притисок и под тој притисок,  за нас, за јавноста, за новинарите и граѓаните се претвараат во официјални претставници против пристап до јавни документи", смета Џара.

Медиумите и новинарите, главно, бараат пристап до документите кои се однесуваат на начинот на трошење на буџетските пари или одлуки, договори, тендери, капитални инвестиции, како и субвенции.

Џара вели дека најголем проблем е добивањето информации за содржината на договорите и дека наидуваат на неверојатен отпор кога бараат увид во фактурите за потрошените пари на официјалните претставници преку државни банкарски картички.

"Баравме фактури за трошоците на премиерот и шест негови заменици во текот на 2013 година, како и на сите наредни премиери. Агенцијата за заштита на податоци одговори негативно, со образложение дека така ќе се открие личната диета на премиерот, односно што јадел. Значи, ние преку фактурите можеме да откриеме дали јадел зеленчук, месо или нешто диетално", вели Џара.

Најеклатантен случај е одбивањето да се обелодени Договорот за продажбата на Електроенергетската мрежа на Косово, во чии рамки се подарени и хидроцентрали, како и Договорот за изградбата на автопатот Бехтел-Енка, во кој јавноста се уште немала увид. Некои новинари тврдат дека постои член кој забранува објавување на тој документ, што не е во согласност со Уставот и законите на Косово.

"Од февруари годинава ги бараме фактурите за трошоците за одбележувањето на Денот на независноста на Косово. Денеска е 10 мај, а ние се уште не сме добиле одговор, ниту документ за трошоците за прославата односно за потрошените пари на даночните обврзници. Тие одбиваат да го направат тоа. Мислам дека многу од тие документи имаат елементи на кривично дело и дека официјалните претставници би требало кривично да се гонат за донесените одлуки", тврди Кајтази.
Косовските институции и агенции, според косовските закони, се обврзани на своите веб страници да ги објават договорите за тендери, одлуките, уредбите и другите документи од значење за косовската јавност. Но, во зависност од содржината на некоја спогодба или договор, оваа обврска не се почитува секогаш. Не се почитува ни законскиот рок од седум до 15 дена, во кој Агенцијата за пристап до јавни документи е должна на новинарите да им ги даде бараните информации. Во таква атмосфера, вистински подгвиг беше неодамнешниот успех на медиумите и граѓанското општество да го спречат обидот за измени на Законот за пристап до јавни документи.

"Последната иницијатива која, со бројни активности на граѓанското општество, успеавме да ја спречиме е обидот на Агенцијата за антикорупција да го промени Законот и така да ги отстрани податоците за парите во готовина кои политичарите ги пријавуваат како имот. Агенцијата рече „нека пријават куќа, земјиште, но не и готовина.“ Се обиде да ја сокрие од јавноста готовината. Ние дознавме за оваа иницијатива, веднаш реагиравме, баравме објаснување и се мобилизиравме како граѓанско општество. Во рок од 24 часа добивме изјава од шефот за антикорупција кој рече дека погрешно сме го разбрале", вели Џара.

БИРН по тужбата поднесена пред пет години, конечно го доби судскиот спор со Агенцијата за пристап до јавни документи, но дури после една година доби и увид во документите. Движењето "Зборува"  Институтот ГАП, исто така, добија правосилни судски одлуки во нивна корист, но судската одлука се уште не е спроведена.

Петрит Чолаку, истражувач во Асоцијацијата на новинари на Косово вели дека единствено решение е Законот за пристап до јавни документи да се спроведува со следење на процедурите. Тоа значи дека, ако во одреден рок, новинарите не добијат одговор, треба да се обратат кај Народниот правобранител, а потоа и во Обвинителството.

Но, Вехби Кајтази напоменува дека новинарите немаат секогаш време, енергија, ниту финансиски средства да се впуштат во законски процедури кои по правило траат долго и имаат неизвесен исход. Затоа објави текстови без бараните информации. Затоа  порталот Инсајдери, за да ја задржи актуелноста на своите истражувања, често е приморан да објави текстови без бараните информации. Последица на тоа се чести вербални напади од политичарите, а во дел од јавноста која подлежи на таква пропаганда, се креира мислење дека новинарите всушност се агресивни.

"Културата на транспарентност и комуникација со медиумите и со јавноста се уште не постои. Недостасува полагање сметки и недостасува одговорност поради неполагање сметки. Второ, мислам дека тие секогаш има што да прикријат", смета Кајтази.

Тој гледа излез од оваа ситуација во доброто функционирање на судовите на кои приоритет би им било разгледување на тужбите на новинарите заради неможноста да пристапат до јавните документи. Би било идеално, тие предмети да се процесуираат во рок од еден месец, најмногу два, со што институциите би се обврзале да овозможат пристап до документите.

"Во моментот кога не спроведуваат судски одлуки, тие прават кривично дело. А кога еден официјален претставник би се гонел кривично, некој би се казнил со затвор, некој парично, тие би се дисциплинирале и не би криеле документи, туку би излегле во пресрет на секое барање на информации", вели Кајтази.

Иако косовскиот Закон за пристап до јавни документи е добар, Агенцијата за пристап до такви документи не е независна институција. Граѓанското општество и медиумите сметаат дека затоа, косовското правосудство, како независна институција, би требало со ефикасно спроведување на процесите да ги санкционира инситуциите поради нетранспарентност и кршењето на правото на јавноста на информации.

KOMENTARI

Broj komentara : 0

Vaše ime*


Vaš e-mail


Vaš komentar*



otkucano 0 od ukupno 1500 karaktera.