AAA

SU-PRO-MEDIA | 26.07.2018 13:00 > 26.07 13:06

Нулта толеранција за загрозувањето на слободата на говорот (ВИДЕО)


Новинарот Павле Беловски, во октомври 2016 година, беше нападнат три минути пред да се вклучи во живо во вестите на Телевизија Телма каде е вработен. Нападот се случи кога непознат човек најпрво се обиде да го испровоцира со политички квалификации, а потоа го удираше со клоци и со тупаници.

"Имаше навреди, вербално ме атакуваше, но сепак и ме нападна. Имав модринки. Не се гледаа од косата бидејќи станува збор за главата. Имав модринки и набиенициТака што веќе влегува во кривично дело насилство", вели новинарот Павле Беловски.

Дури деновиве, две години по нападот, Беловски доби покана да се јави на суд. И тоа во Судот за прекршоци во Скопје бидејќи пријавата што ја поднесе МВР е прекршочна, а не кривична. Напаѓачот на Беловски се гони по два основи од Законот за прекршоци. Прво дека бил под дејство на алкохол и второ, дека направил прекршок против јавниот ред и мир.

"Разговаравме, се советувавме со адвокат. Има елементи на кривично дело насилство за кое е предвидена казна затвор. Но, полицијата се одлучи да го гони овој напаѓач по две прекршочни пријави од Законот за нарушување на јавниот ред и мир, со што сега, судот во целост го прифати она што МВР го навело во изјавата и тој ќе се соочи со казна од 600 до 800 евра", објаснува Беловски.


Нападот се случи токму пред зградата на Министерството за внатрешни работи. И Беловски нема никакви забелешки на реакцијата на полицијата. Вели реагирале веднаш и напаѓачот веднаш бил приведен. Но, полицијата не виде насилство во нападот. За да одговара за насилство, новинарт сам морал да поднесе приватна тужба против напаѓачот, нешто што Беловски смета дека треба да се гони по службена должност.

"Дефинитивно, ако некој одговара кривично, ќе има поголем ефект во одвраќање на насилниците. Бидејќи насилниците мора кривично да се процесуираат", смета Беловски.

Нападот врз Беловски влегува во полициската статистика за периодот од 2013 до 2017 година кога се регистрирани 47 пријави за физички напади врз новинари, за загрозување на сигурноста или закани. Тоа беше времето на власта на ВМРО-ДПМНЕ.

Сега, новата власт вели дека нема да толерира напади, уцени, притисоци и закани врз новинари.

"Ставот на Владата е нулта толеранција за било каков обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето. Секој напад врз медиумските претставници ќе биде најостро осуден и санкциониран", изјави Роберт Поповски министер за комуникации, отчетност и транспарентност.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели дека од доаѓањето на новата власт во 2017-та година, до сега, регистрирани се 12 напади врз новинари и од нив само еден случај не е расчистен.

"Oна што треба да го имате предвид, е решеноста на МВР таквата пракса, односно наметнатата општествена појава заради која дополнително како држава бевме критикувани во годините наназад од мноштво релевантни домашни и странски институции и асоцијации, вклучително и од ЕУ, да биде анулирана", вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Го прашав Беловски дали им верува на министрите кога зборуваат за нулта толеранција околу нападите кон новинарите?

"Кога тие велат нулта толеранција, претпоставувам, мислат на навремена осуда, а не на процесуирање на делата. За да има нулта толеранција, мора да покажат во пракса дека и при основни елементи на кривично дело, тие ќе мора да се процесуираат", одговори Беловски.

Павле Беловски на 27 септември ќе треба да оди во Суд и да се соочи со човекот кој го нападна пред речиси две години. Единствената сатисфакција во моментов ќе му биде одговорните да работат повеќе за да спречат напад врз било кој новинар, а не казната што ќе ја добие неговиот напаѓач.

Марија Дивитарова

KOMENTARI

Broj komentara : 0

Vaše ime*


Vaš e-mail


Vaš komentar*



otkucano 0 od ukupno 1500 karaktera.