AAA

SU-PRO-MEDIA | 20.08.2018 15:40 > 20.08 15:42

Портпаролите во БиХ трасираат предолг пат до информации


Со сите маки кои ја следат положбата на новинарите – од политички притисоци, најразлични закани, еснафски несогласувања и несолидарност, до фактот дека, по правило, се недоволно платени за својата работа, работата им ја отежнуваат и институциите кои не им ги доставуваат бараните информации. Се случува новинарите да добијат податоци од институциите, од јавните установи и претпријатија,  но тие да бидат нецелосни или да добијат целосни информации, но предоцна, кога приказната веќе не е актуелна.

„Ако имате доволно време да чекате информации, во повеќето од случаите, ќе ги добиете. Проблемот е во тоа што сите ние имаме рокови во кои мораме да го завршиме текстот или прилогот и тогаш, во текот на еден ден, невозможно е да се добијат сите информации од сите страни за да имате комплетна приказна“, вели новинарката на Ал Џезаира Балканс Лилјана Смилјаниќ.

Таа додава дека постојат институции кои ги доставуваат бараните информации дури по завршувањето на законскиот рок од 15 дена, а има и такви, архаични, кои секогаш им ги доставуваат одговорите на новинарите по пошта или преку факс. Нејзин личен рекорд на чекање одговори на поставените прашања беше два месеца.

„Два месеца чекав одговор од Комисијата за концесии на Република Српска, кога работев на тема за доделување на концесиите за изградба на мали хидроелектрани. Во текот на тие два месеца постојано праќав прашања, постојано ја барав и Комисијата за концесии и Министерството за индустрија, енергетика и рударство кое е надлежно за таа област“, објаснува Смилјаниќ.

Комисијата и министерството си ја префрлаа топката едни на други, но Смилјаниќ не се откажуваше, па на некој настан лично ги најде и претседателот на Комисијата и министерот и успеа да договори да и се достават бараните информации.

„Ретко кој новинар може да си дозволи толку време и толку упорност за да се посвети на една тема“, оценува новинарката на Ал Џезаира.

Босна и Херцеговина беше меѓу првите земји од регионот која доби Закон за слободен пристап до информации. Овој закон е lex specialis, што практично значи дека треба да се применува секогаш кога се во прашање информации и ограничувањата на правото за пристап до информации се пропишани само во овој закон и на ниту едно друго место.

Во законот постои и одредба за задолжително спроведување постапка за испитување на јавното мислење. Тоа би требало да биде дополнителна гаранција дека властите не можат да го ограничат пристапот до некои информации, односно дека мораат да ги соопштат и информациите кои со овој закон се дефинирани како многу доверливи „ако тоа е  оправдано со јавниот интерес“.

Едно е она што го пишува во законот, а друго е она што се случува во пракса. Истражувањето на Центарот за развој на медиуми и анализи од Сараево, објавено минатата година, покажа дека повеќе од половина од институциите во БиХ на сите нивоа на власта, не го почитуваат Законот за слободен пристап до информации.

Ратко Ковачевиќ, началник на Оделението за комуникации и меѓународна соработка на Управата за индиректно оданочување (УИО) на БиХ смета дека е многу важно и новинарите и граѓаните на БиХ да дојдат до информации кои ги имаат одредени институции.

„Ние сме институција која од самиот почеток е транспарентна, секогаш излегуваме и со позитивни и со некакви негативни работи кои се случуваат. Најдобро е транспарентно да се даде информацијата, бидејќи вистинита и транспарентна информација секогаш се покажува како најдобра“, вели Ковачевиќ.

Освен тоа што институциите на различни начини ја игнорираат примената на Законот за слободен пристап до информации, често, луѓето кои се на чело на тие институции имаат дискриминаторски однос кон одредени новинари и медиумски куќи. Министрите и директорите на јавните претпријатија и установи, кои на таа функција дошле по партиска линија, често ги делат новинарите на подобни и неподобни.

БН телевизија одамна е ставена на „црната листа“ на владејачкиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД) во Република Српска, чии министри и директори добија изричита наредба од врвот на партијата да не комуницираат со новинарите од оваа телевизија.

„Дискриминација постои. Институциите немаат ист однос кон сите медиуми. Да потсетам дека јас како новинар на БН телевизија, но и сите мои колеги, сигурно две-три години не можевме да влеземе во Палатата на РС, иако регуларно испративме допис, односно барање за акредитации. Акредитации не добивме. Кога колегите го прашаа претседателот – зошто, тој се пошегува. Веројатно нему му беше смешно и рече дека некои процедури траат и по 20 години“, вели новинарката на БН ТВ Данина Милаковиќ.

Портпаролот на УИО на БиХ, Ратко Ковачевиќ тврди дека оваа Управа има еднаков однос кон сите медиуми и новинари и дека нема апсолутно никаква дискриминација.

„Сметаме дека сите новинари и сите медиуми треба да добијат информација од одредени институции. Не правиме никаква разлика и, практично, секој треба да биде еднаков“, истакнува Ковачевиќ.

Многу често, портпаролите на јавните институции стануваат голема препрека за новинарите во нивната потрага по целосна и релевантна информација.

Новинарката на Ал Џезаира Лилјана Смилјаниќ вели дека во институциите со седиште во Бања Лука има портпароли кои навистина добро си ја работат работата, кои се трудат на новинарите да им достават одговори на поставените прашања или да договорат изјави со официјални претставници.

Некогаш, вели таа, портпаролите ќе им „дотурат“ на новинарите неофицијални информации кои бараат дополнителни проверки, но се добра основа за правње добра приказна.

„Од друга стана, повеќе се оние кои, за жал, својата работа ја сфаќаат сосема поинаку, кои некако гледаат на сите можни начини да спречат информациите од институцијата во која работат да стигнат до новинарите“, вели Смилјаниќ.

Според неа, потполно е погрешна „мисијата“ во која портпаролите наводно ги штитат своите претпоставени од новинарите.

„Не сфаќаат дека, во суштина, кога новинарот прашал за некоја тема, веќе има некакви информации и податоци врз чија основа може да ја направи приказната“, оценува новинарката на Ал Џезаира.

Новинарката на БН ТВ Данина Милаковиќ вели дека постојат портпароли со кои има добра соработка и кои својот однос со новинарите не го градат врз основа на партискиот дрес на нивниот шеф.

„За жал, повеќе се оние кои се, всушност, послушници. Некои дури не се ни јавуваат на телефон. Мислам дека тоа е погрешно, со оглед на тоа што тие, главно, се бивши новинари. Го работеле ова, знаат колку е тешко да се дојде до информации, знаат како е да се работи на терен и со одделни институции“, вели Милаковиќ.

Таа укажува на синдромот на „амнезија“ кај повеќе портпароли, кои забораваат на поранешната професија кога ќе дојдат на новите работни места во јавните институции.

„Штом влезат во некоја институција, штом се сместат во фотелјата, очигледно забораваат како беше да се работи на плус 30 и на минус 20“, вели Милаковиќ.

KOMENTARI

Broj komentara : 0

Vaše ime*


Vaš e-mail


Vaš komentar*



otkucano 0 od ukupno 1500 karaktera.